мај 21, 2026

Ден на осамостојување на Црвен крст на Република Македонија, 21 мај 2026

Денес одбележуваме 34 години од осамостојувањето на Црвениот крст на Република Македонија – значаен датум кој претставува почеток на самостојно, организирано и посветено хуманитарно дејствување во служба на граѓаните.

На денешен ден, 1992 година, Црвениот крст на Република Македонија донесе Одлука за осамостојување, симболично следејќи го патот на независноста на државата. Во 1992 година Црвениот крст започна ново поглавје во хуманитарното дејствување на организацијата, водено од основните принципи на Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина: хуманост, непристрасност, неутралност, независност, доброволна служба, единство и универзалност.

Во 1994 година е донесен и првиот Закон за Црвениот крст на Република Македонија. По осамостојувањето, македонската влада на 25 август 1993 година ги ратификува Женевските конвенции од 1949 година и Дополнителните протоколи од 1977 година.

На 1 ноември 1995 година, Националното друштво беше признаено од Меѓународниот комитет на Црвениот крст, а на 27 ноември истата година стана полноправна 169-та членка на Меѓународната федерација на друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина.

Низ годините, Црвениот крст постојано ја потврдува својата мисија – да биде поддршка и помош таму каде што е најпотребно. Од згрижување на бегалци, помош при кризни состојби и катастрофи, до секојдневна грижа за ранливите категории граѓани, организацијата останува симбол на солидарност, хуманост и човечност.

Денес, со гордост се потсетуваме на ова значајно историско поглавје и продолжуваме посветено да ја негуваме хуманоста, како трајна вредност и водилка во нашето делување.

< врати се назад