
Светски ден на прва помош, 13 септември 2025
Црвен крст на Република Македонија на 13 септември 2025 година го одбележува Светскиот ден на првата помош под мотото „Прва помош и климатски промени“. Првата помош претставува витална иницијална интервенција. Помага во намалување на повредите и зголемување на шансите за преживување во настаната ситуација. Има големо значење во ситуации кога животот на поединецот или на група луѓе е во опасност.
Светскиот ден на првата помош е воведен од страна на Меѓународната федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина во 2000 година. Оттогаш се прославува секоја година. На овој ден повеќе од 192 Национални друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина низ целиот свет организираат настани и активности. Целта на овие активности е подигнување на јавната свест за укажување на прва помош и спасување на животи во секојдневни и кризни ситуации. Исто така и промовирање и застапување на заложбите за поседување на знаење и вештини за укажување на првата помош кај пошироката јавност.
Клучни пораки:
Бури, топлотни бранови, пожари… Климатските катастрофи се случуваат без најава, но можеме да се подготвиме. Учењето прва помош ни овозможува да реагираме во итни случаи.
При климатски кризи, секоја секунда е важна. Да бидеме подготвени: да се обучиме, да помагаме и да спасуваме животи. Придружете се на одбележувањето на Светскиот ден на првата помош 2025 и посветете се на создавање поотпорен свет!
Климатските промени го загрозуваат нашиот живот. Денес, 1,47 милијарди луѓе се изложени на поплави. Топлотните бранови резултираа со зголемување на смртноста кај повозрасната популација за 167% во последните 30 години. Кои техники за прва помош можат да ги спасат блиските околу нас?

< врати се назад











































