март 24, 2025

Светски ден на борба против туберкулоза 24 март 2025

Секоја година, на 24 март, Партнерството Стоп за ТБ и неговите партнери се обединуваат за да ја подигнат јавната свест за катастрофалните здравствени, социјални и економски влијанија на ТБ и повикуваат на крај на оваа епидемија.

Согласно препораките на Меѓународната Федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина, Црвен крст на Република Северна Македонија се приклучува кон одбележувањето на 24 март – Светскиот ден на борба против туберкулозата (ТБ).

Овогодинешното мото за Светскиот ден на борба против туберкулоза на Црвен крст на Република Северна Македонија е: “Да! Можеме да ставиме крај на ТБ„. Посветеност, инвестирање, испорака“, се надоврзува на масовно прифаќање и успех во изминатите две години. Пренесува моќна колективна порака за надеж, итност и одговорност – нагласувајќи дека елиминацијата на ТБ е остварлива ако преземеме конкретни активности денес.

Содржина
Што е туберкулоза?
Препознавање на туберкулоза
Хигиенско-диететски режим и здрав начин на живот

Светскиот ден на туберкулозата (ТБ) се одбележува секоја година на 24-ти март со цел подигнување на јавната свест за катастрофалните, здравствени, економски и социјални последици од ТБ и воедно да се интензивираат напорите за ставање крај на глобалната епидемија од ТБ.

Во 1882 година д-р Роберт Кох објавил дека ја открил бактеријата која предизвикува туберкулоза, со што го отворил патот кон дијагностицирање и лекување на оваа болест.

Туберкулозата и понатаму останува смртоносен убиец во светот. Секојдневно над 4000 луѓе го губат животот од ТБ, а близу 30 000 луѓе се разболуваат од оваа болест која може да се  превенира и излекува.

ВРЕМЕ Е ЗА АКЦИЈА! ВРЕМЕ Е ДА СЕ СТАВИ КРАЈ НА ТУБЕРКУЛОЗАТА.

Што е туберкулоза?

Туберкулозата претставува заразно заболување предизвикано од бактеријата Mycobacterium tuberculosis и истото се пренесува аеро-капково. Само неколку микроорганизми се потребни за да предизвикаат инфекција. Годишно во светот околу 10 милиони луѓе заболуваат од туберкулозата и покрај тоа што е болест што може да се превенира, додека околу 1.5 милиони секоја година умираат од ова заболување. Се смета дека околу една четвртина од светската популација има латентна туберкулоза, што значи дека кај кој било од нив може да се развие целосното заболување. Изминативе години тие бројки се зголемени поради присуството на Ковид-19 кое придонесе за загуба на многу луѓе кои боледувале истовремено од туберкулоза, како резултат на влошување на нивната состојба.

Луѓето заразени со ТБ имаат 5-15% поголем ризик да заболат од туберкулоза. Лицата со компромитиран имунолошки систем, како што се лица кои живеат со ХИВ инфекција, неухранетост или дијабет или пак луѓе кои консумираат тутун имаат поголем ризик од заболување.

Туберкулозата најмногу ги погодува возрасните во најпродуктивните години. Сепак, сите возрасни групи се изложени на ризик. Над 95% од случаите и смртни случаи се во земјите во развој.

Луѓето кои се заразени со ХИВ имаат 20 до 30 % поголема можнoст да развијат активна туберкулоза. Без соодветен третман, 45% од ХИВ негативните лица со ТБ  во просек и скоро сите лица со позитивни ХИВ наод ќе резултираат со смртен исход.

Употребата на тутун во голема мера го зголемува ризикот од туберкулоза и смртен исход. 7,9% од случаите на ТБ во целиот свет се припишуваат на пушењето.

Кога некое лице развива активна  болест на ТБ, симптомите како ( треска, кашлица, ноќно потење или губење на тежина) можат да бидат лесни- непрепознатливи симптоми неколку месеци. Ова може да доведе до доцна нега и да резултира со пренесување на бактериите на други луѓе. Луѓето со активна ТБ можат да заразат 5-15 луѓе преку близок контакт во текот на една година.

Светскиот ден на туберкулозата дава можност да се биде во центарот на вниманието и да се мобилизираат политичките и социјалните структури, со цел да се стави крај на туберкулозата.

Препознавање на туберкулоза

Туберкулозата е хронично заразно заболување кај луѓето и кај некои животни како што се говедата. Болеста е со променлив тек и се јавува во крајно различни клинички облици. Причинителот сепак најчесто ги зафаќа белите дробови. Вонбелодробната туберкулоза најчесто е од секундарна природа и настанува со дисеминација (расејување) на причинителот во други органи и ткива од првобитното жариште во белите дробови.

Карактеристично за болеста е појавата на чворчиња (туберкули) кои се ствараат во органите и ткивата на организмот во кои се вгнездил предизвикувачот.

Белодробниот облик на туберкулоза почнува со неспецифични и нејасни знаци како што се: субфебрилна температура, замор, недостаток на апетит. Доста често доаѓа до запирање на процесот и до оздравување. Тогаш ако доказ дека имало инфекција има закречување на бронхијалните жлезди и позитивна туберкулинска реакција. Доколку болеста напредува, се јавуваат знаци за оштетување и разорување на белите дробови како што се: кашлица, искашлување, искашлување на крв, болки во градите, како и знаци на општа интоксикација на организмот: зголемена температура, кардиоваскуларни пореметувања, анемија, губиток на апетитот, изнемоштеност и губење на телесната тежина до потхранетост.

Вонбелодробната туберкулоза може да се развие во кој било орган или ткиво, а најчесто во лимфните јазли на вратот, бронхијалните лимфни јазли, на плеврата, цревата, бубрезита, обвивките на мозокот, коските и зглобовите.

ПРИЧИНИТЕЛ: Mycobacterium tuberculosis (туберкулозен бацил), кој е многу отпорен во надворешната средина. Во прашина останува жив и по неколку месеци. На 60 степени угинува после три часа. Исплувокот од туберкулозен болен (на влажен под во нечиста и замрачена просторија) заразен е и по еден месец. Отпорен е и на нормална концентрација на дезинфекциски средства. Како последица од употреба на туберкулостатици бацилот на туберкулозата може да стане отпорен на употребениот лек.

РЕЗЕРВОАР: Инфициран човек и домашно животно, најчесто говедо.

ИЗВОР НА ЗАРАЗАТА:  Секрети и екскрети на болен човек или болно животно.

ПРЕНЕСУВАЊЕ: Со директен контакт, преку дишење, кивање или кашлање или индиректно, преку загадени раце и разни предмети.

ВЛЕЗНИ МЕСТА: Слузници на системот за дишење, варење, урогениталниот тракт, површинските слузници и кожата.

ЧУВСТВИТЕЛНОСТ И ОТПОРНОСТ: Чувствителноста е општа. Најчувствителни се децата од 2 до 12 години. Жените на возраст од 25 до 29 години се почувствителни отколку мажите на истата возраст. Чувствителноста се назначува со присуство на други, дополнителни фактори како други болести (дијабет), слаба физичка кондиција, лоши услови на живот или лоша исхрана. Лошата исхранетост и слабиот имунолошки систем се ризик фактори за појава на туберкулоза.

Здравата исхрана може да придонесе кон спречување на појавата на неухранетост, да го зајакне имуниот систем и да го спречи несаканото губење на тежината предизвикано од туберкулозата.

Жените за време на бременоста се посебно чувствителнина туберкулоза.

ИНКУБАЦИЈА: Неодредена, трае 15-30 дена, а може и многу подолго.

ВРЕМЕ НА ЗАРАЗНОСТ: Додека болниот исфрла клици на туберкулоза.

СПРЕЧУВАЊЕ И СУЗБИВАЊЕ: Најефикасна мерка против туберкулоза е вакцинацијата која во нашата земја се одвива спoред Законот за заразни болеси и Правилникот за имунизација. Доколкуиндивидуата заболи од туберкулоза, третманот се состои од антибиотска терапија поддржана со правилен хигиенодиететски режим и здрав начин на живот.

ХИГИЕНО-ДИЕТЕТСКИ РЕЖИМ И ЗДРАВ НАЧИН НА ЖИВОТ

Во превенцијата на туберкулозата голема улога игра здравата исхрана и здравиот начин на живот. Исхраната богата со хранливи материи е исто така важна и во третманот на луѓето кои веќе заболеле од туберкулоза затоа што лошата исхранетост придонесува за појава на компликации од болеста.

Со примање на соодветни лекови и со здрава исхрана, која е богата со важните хранливи материи може да се забрза оправувањето и заздравувањето на болниот . Особено важно е лековите за туберкулоза да се земаат редовно, како што е пропишано од лекарот кој го води болниот. Во многу случаи, третманот со лекови самоволно се прекинува во оној момент кога болниот ќе почне да се чувствува подобро. Тоа не смее да се прави затоа што тоа им овозможува на бактериите да останат во организмот и болеста повторно да се појави, дури и во полоша форма.

Исхраната при туберкулоза е многу важна затоа што најголем број на болните се соочуваат со лоша ухранетост. Во првите денови на болеста се намалува апетитот, болните не јадат доволно, што води до намалување на телесната тежина и комплетно намалување на општиот имунитет.

ПРИМЕРИ НА ХРАНА БОГАТА СО ВАЖНИ МИКРОНУТРИТИВНИ ХРАНЛИВИ МАТЕРИИ, ПОТРЕБНИ ЗА БОЛНИТЕ ОД ТУБЕРКУЛОЗА:

Храна богата со витамин Д – оваа храна може да помогне во ублажувањето на симптомите на туберкулозата. Како добар извор се препорачува месото од риба. По препорака на доктор, во определени периоди треба да се прима витамин Д во форма на додаток на храна (таблети,капсули).

Храна богата со витамин Ц – заради големата потрошувачка  на витамин Ц во периодите на покачена телесна температура како и во периодите без температура, потребите за внес на витамин Ц кај болни од туберкулоза се зголемени и до 10 пати во однос на здравите луѓе. Добар извор на витамин Ц е сочното овошје (црната рибизла, цитрусните плодови, јаболката, јагодите, вишните) и зеленчук (карфиол, брокула, зелка, домат, пиперка).

Храна богата со железо – кај туберкулозните болни, заради текот на болеста, честа е појавата на анемија. Храната богата со железо ќе придонесе кон подобрување на крвната слика, а со тоа и ублажување на симптомите на болеста. Добар извор на железо се месото, жолчката од јајце, живината, темно зелениот зеленчук, како и оревите и семките.

Храна богата со витамин А – витаминот А е антиоксиданс кој може да го зајакне имуниот систем нарушен при туберкулоза. Добар извор на витамин А се портокаловите растителни плодови како морков и тиква, а од животинските продукти јајцата, месото, млекото и сирењето.

 Покрај медикаментозниот третман на болеста и дополнителните препораки за исхрана, на болните им е потребен и соодветен одмор кој треба да го користат после секој земен оброк во чисти и проветрени простории. Истотака, се препорачуваат лесни прошетки во незагадена околина, најдобро во некој шумски комплекс.

Недостатокот на протеини ја намалува способноста на телото да се бори со инфекцијата. Исто така, туберкулозните болни имаат недостаток на многу микронутриенси, неопходни за одржување на функциите во организмот.

По превземените терапевтски мерки или хоспитализација, кај болните бргу се враќа апетитот така што можат да се превземат и хигиено диететските мерки како додаток на антибиотскиот третман.

Соодветна исхрана (т.н “јака храна“, израз познат кај народот за исхрана на болни од туберкулоза) при туберкулоза е неопходна за да го снабди телото со виталните хранливи материи.

Конзумацијата на алкохол мора комплетно да биде запрена за време на болеста зашто може да доведе до влошување на состојбата и понатамошни компликации.

Исхраната при туберкулоза мора да се состои од многу свежо овошје и зеленчук. Важно е исто така да се одржи соодветен внес на калории. Зеленчукот и овошјето, кои се препорачуваат да се конзумираат, треба да вклучат различни продукти како зеленчук богат со диететски влакна, цитрусни (портокал, лимон, грејпфрут) и други сочни овошја, темнозелен листест зеленчук и легуминози.

Исхраната на болните од туберкулоза мора да содржи интегрални житарки и по малку ореви и семки. Млекото и млечните производи, исто така, мора да бидат дел од исхраната. Денес на пазарот има избор на нискомасни и безмасни млечни производи кои треба да бидат користени.

Мрсната и многу зачинетата храна треба да се избегнуваат при туберкулоза.

Целта на правилната исхрана при туберкулоза е да се надополни губитокот на протеини и други хранливи материи што вообичаено се појавува при оваа болест.

Потребно е да се обезбеди богат внес на протеини, како основни хранливи материи кои учествуваат во зајакнувањето на имунолошката моќ на организмот, како и на храна богата со соодветни микронутритивни материи кои имаат специфична улога при ублажувањето на симптомите и при здравувањето од болеста.

БОЛНИТЕ ОД ТУБЕРКУЛОЗА ТРЕБА ДА СЕ ПРИДРЖУВААT КОН СЛЕДНИТЕ ПРЕПОРАКИ ЗА ЗДРАВА ИСХРАНА:

  • Конзумирање на квалитетна и разновидна храна во оптимална количина која ги обезбедува незаменливите хранливи состојки потребни за организмот без вишок на внес на енергија, масти, сол и шеќер.
  • Дневно треба да се земаат најмалку 5 оброци. Редовната исхрана го спречува енормниот внес на храна одеднаш (прејадувањето е лошо за овие болни) и овозможува подобро варење и искористување на храната.
  • Лебот и другите зрнести храни се богати со скроб кој е препорачлив извор на енергија, а исто така содржат и значителна количина на растителни белковини. Богат извор на скроб се и компирите. Дневно да се јаде не повеќе од 250-300 грама леб.
  • Интегралниот леб и другата интегрална храна значајно придонесуваат кон внесот на витамини, минерални материи и растителни влакна (целулоза и др.).
  • Секојдневен внес на овошје и зеленчук над 400 грама дневно. Зеленчукот и овошјето се богати со витамини и минерални материи, биоактивни компоненти и растителни влакна. Зеленчукот и овошјето се претпочитуваат сурови, заради тоа што при нивна термичка обработка голем дел од содржината на тие витамини се уништува.
  • Млекото и млечните производи се важен извор за квалитетни протеини, витамини и лесно искористлив калциум кој му е потребен на организмот.
  • Се препорачува овие производи да бидат со намалена содржина на масти. Вкупно, за еден ден, треба да се внесе од 600-1000 мл кисели млечни напитоци, како што е јогуртот и слични на него, што е особено добар избор кај овие болни заради благопријатниот ефект врз нивното здравје, особено при високи температури.
  • Месото, живината, рибата, јајцата, мешункастите и јаткастите плодови се богат извор на белковини и железо. Дневно треба да се јаде од 100-200 грама посно месо, во зависност од видот. Неделно, месото треба да се јаде до 3 пати. Рибата треба да се јаде најмалку 2 пати неделно. Јајцата, тврдо варени, 3-4 пати неделно.
  • Да не се јаде мрсна храна. Да се одберат производи со помалку масти.
  • Ограничување на внесот на шеќер, шеќерни и слаткарски производи. Избегнување на конзумирање на пијалоци кои содржат шеќер. Користење на мед, кој содржи биоактивни компоненти. Најдобро да се зема по една лажица мед растворен во свежо цеден сок од лимон разреден со водасекој ден.
  • Избирање на храна со ниска содржина на сол. Ограничување на внесот на конзервирана храна, колбаси, солена риба, солени туршии и др. Подготвување на храна со малку сол.
  • Да се пие најмалку литар и пол вода секој ден . Водата е витално неопходна за сите функции во организмот.
  • На болните од туберкулоза строго им се забранува конзумирање на алкохол и пушење цигари.
  • Секојдневен одмор и потоа лесни прошетки во околина со чист воздух.

< врати се назад