
Одбележуваме 80 години постоење на Црвен крст на Македонија
На 28 февруари 2025 година, во горната училишна зграда, го одбележавме јубилејот, 80 години од постоењето на Црвен крст на Македонија. Присутни беа над 80 гости, меѓу кои Претседателот на Црвен крст на Македонија, г-дин Ромел Велев, градоначалникот на општина Крушево, г-дин Томе Христоски, соработници, претставници на институции, волонтери, крводарители, негуватели, корисници на услуги, гости и поддржувачи на Црвениот крст.
Црвен крст е нашиот втор дом. Тука растевме и растиме. Се надоградуваме. Тука се нашите најубави спомени. Тука нашиот живот добива поинаква смисла, добива ново значење. Да се понуди рака за помош, да се даде поддршка, да се пружи засолниште или здравствена грижа, да се сподели и ублажи болката, страдањето, а да не се осуди. Безусловно да се сака, без граници и ограничувања. Не е важна бојата на кожата, националноста, религијата или статусот во општеството. Секој од нас може да се најде во неволја. Но секој од нас може непристрасно и наутрално да помогне. Кога помагаме на други, си помагаме на самите себе си. Преку помошта, создаваме поразвиен, единствен и поцврст свет. Во ситуациите кога некој е безнадежен, кога изгубил се, наша должност е да му покажеме дека не е сам. Да бидеме тука за другите, во нивните најтешки моменти.
Низ годините, секоја слика што ќе ја видите, сведочи за мисијата на Црвениот крст – од обезбедување помош на најранливите категории, преку спасување животи во кризни ситуации, до едукација и подигнување на свеста за хуманитарните вредности. Моменти на пожртвуваност на нашите волонтери, нивната подготвеност да помогнат во време на природни непогоди, пандемии, конфликти и секојдневни предизвици. Секоја генерација носи своја енергија и борба.
До 80тите години, поточно до 1978 година, Црвен крст во Крушево функционираше во магацини и канцеларии низ градот. Благодарејќи на тогашниот Претседател, доктор Никола Маркоски, во периодот од 1978 до 1980 година се изгради домот на Црвен крст во Крушево. Оние простории кои за нас значат и дружење и работа и смеа и извор на знаење. Тука се изградени и се уште се градат генерации на хуманитарци и лидери во заедницата.
Поминати се многу кризи, помали и поголеми. Но собирните акции, било да се за храна, облека или финансиска помош, се сведоштво за сплотеноста и хуманоста на нашата заедница. Иако нашето знаме е едноставно, крстот црвен носи со себе моќна порака: “Никој не е оставен да страда сам.” Во војни, катастрофи или болести, Црвен крст е таму – за да понуди спас, за да понуди човечност, за да понуди надеж.
Организирани се небројни крводарителски акции, спасени се човечки животи. Секој кој дал барем еднаш од својата крв дал надеж на многумина. На оној што ја примил крвта, на неговото семејство. На оној кој продолжил по неговиот пат и станал крводарител.
Обучени се небројни луѓе за прва помош. Ние не сме доктори, но многумина од нас поттикнати од обуките, станале медицински лица.
Изградивме лидери, силни луѓе, генерации со кои се гордееме.
Денеска, опслужувајќи 90тина стари лица во нивните домови, секојдневно во нивните очи гледаме што значат овие 80 години постоење. Нека хуманоста биде наш водич, нека Црвен крст биде наша инспирација, а помошта на луѓето во неволја – наша должност.
За луѓето што некогаш биле, За нас што денес сме и за идните генерации што ќе бидат дел од ова големо семејство. Вашата посветеност и љубов кон хуманоста се срцето на нашата организација.
Среќен јубилеј!

















