
Недела на борба против туберкулоза, 14-21 септември 2025
Црвен крст на Република Македонија во периодот од 14 до 21 септември 2025 година ќе ја одбележи Неделата на борба против туберкулоза. На овој начин ја подигнуваме јавната свест за важноста на општото здравје, социјалното и економското влијание на туберкулозата и да го поттикнем забрзувањето на напорите за ставање крај на глобалната епидемија на туберкулоза.
И покрај значителниот напредок во текот на последните децении, туберкулозата продолжува да биде врвен заразен убиец низ целиот свет, одземајќи повеќе од 4500 животи дневно. Појавата на туберкулоза отпорна на лекови претставува голема опасност по здравјето и ризик за придобивките стекнати во напорите да се стави крај на туберкулозата.
Туберкулозата е заразна болест која најчесто ги зафаќа белите дробови, но може да ги погоди и другите органи. Се пренесува преку воздух, поради што раното откривање, навремената дијагноза и целосното спроведување на терапијата се од исклучителна важност. Со соодветен третман, туберкулозата е излечива болест. Затоа е клучно да се намали стигмата, да се поттикне тестирањето и да се обезбеди поддршка за сите засегнати лица.
Превенцијата, едукацијата и солидарноста се најсилното оружје во заедничката борба против оваа сериозна и излечива болест.
Особено е важно да се информира јавноста. Симптомите како долготрајна кашлица, замор, губење на телесна тежина и ноќно потење не треба да се игнорираат. Навременото обраќање кај здравствен работник значително ги зголемува шансите за успешно лекување. Тоа доведува до спречување на понатамошно ширење на инфекцијата. Потребна е заедничка акција на институциите, здравствените установи и заедницата за да се обезбеди еднаков пристап до дијагностика и терапија. Со континуирана поддршка, одговорност и информираност, можеме реално да придонесеме кон намалување на бројот на нови случаи. Да создадеме поздрава иднина за сите.
Оваа година за неделата на борба против туберкулоза мотото е Да! Можеме да ставиме крај на туберкулозата.


< врати се назад











































