
Недела на борба против дијабетес, 10-16 октомври 2025
Црвениот крст на Република Македонија во периодот од 10 до 16 октомври 2025 година, традиционално, ја одбележува Неделата на борба против шеќерната болест (дијабетес) под мотото Здрави животни навики во превенција на дијабетес. Целта на оваа кампања е подигнување на свеста на населението за тоа што претставува дијабетесот и негова превенција преку воспоставување на здрави животни навики.
Шеќерната болест (дијабетес) е хронично заболување кое се јавува кога панкреасот не произведува доволно инсулин или кога веќе произведениот инсулин телото не може ефективно да го искористи. Смртноста од оваа болест не годишно ниво е застапена со 5%. Најголем број на случаи заболени од дијабетес се на возраст од 45 до 65 години. Во Република Македонија има околу 200 000 лица со дијабетес тип 1 и тип 2.
Многу луѓе дознаваат дека имаат дијабетесот како ќе развијат една од животозагрожувачките компликации. Затоа превенцијата е првиот чекор кон поздрав живот.

Симптоми:
- Зголемена глад и жед
- Често мокрење
- Заматен вид
- Јадеж и чести инфекции на кожата
- Замор
- Променливо расположение
- Зголемена телесна тежина
Ризик фактори за дијабетес:
- Постара возраст
- Генетска предиспозиција
- Здебеленост особено околу стомакот
- Физичка неактивност
- Предходно постоење на дијабетес во бременост
Основната причина за појавата на дијабетес е зголемениот внес, а намалена потрошувачка на калории. Тоа значи зголемен внес на високо калорична храна, брза храна, обилни оброци, храна богата со масти и шеќери, слатки сокови со многу шеќери и конзерванси, недоволен внес на овошје и зеленчук, а во исто време и намалена физичка активност. Најголем ризик за појава на дијабетес тип 2 посебно кај постарите, е зголемената телесна тежина и дебелина.
Компликации :
- Oштетување на видот
- Чести инфекции на кожата
- Срцев удар
- Мозочен удар
- Нарушена циркулација на крвта во пределот на нозете
- Оштетување на нервите поради што се јавува трнење и губење на чувството за осет
- Оштетување на бубрезите
- Воспаление на непцата и парадонтопатија
- Зголемен ризик за појава на одредени видови на рак
Целокупниот ризик за смртност кај луѓето со дијабетес е зголемен за двојно. Но, оваа состојба лесно се дијагностицира, а со правилна едукација може да се превенира и контролира.
Како можам да ја спречам дебелината и дијабетесот ?
Здрава исхрана и редовна физичка активност е ефективна формула против дебелина и дијабетесот.
Храна која се препорачува:
- Интегрални житарици
- Зеленчук
- Овошје (со лушпа)
- Козјо сирење
- Мисиркино месо
- Риба (речна и морска)
- Варена храна
Храна која треба да се избегнува:
- Црвено месо
- Слатки, торти, колачи
- Газирани пијалоци
- Алкохол
- Конзерирана храна
- Пржена храна
Препораки за здрави животни навики во превенција на дијабетесот
- Последниот дневен оброк да биде минимум 3-4 часа пред спиење.
- Дневен внес од 4-6 чаши вода.
- Повеќе свежа и сезонски одгледувана храна.
- Овошјето да се јаде 30 мин – 1 час пред оброк или 3 часа по оброк, бидејќи е лесно сварливо и ако се јаде веднаш по оброкот гние од храната што претходно сме ја консумирале.
- Конзумирање на ферментирани млечни производи (ќефир,сурутка)
- Употреба на ладно цедени масла (маслиново, ленено, сончогледово и др.)
- Редовен внес на диетални влакна од различни извори (житарици, ориз, морков, грав, грашок, цитрусно овошје, јаболка, итн.).
- Конзумирање на риба двапати неделно.
- Секојдневна умерена физичка активност – пешачење, возење велосипед, пливање, гимнастика и фитнес, во зависност од здравствената состојба.
- Неконзумирање на алкохол и цигари.
< врати се назад











































