мај 8, 2025

8 Мај – Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина

Секоја година, на 8ми мај, Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина го одбележува Светскиот ден на Црвен крст и Црвена полумесечина, роденденот на Анри Динан, основоположникот на нашето Движење. На овој ден, националните друштва ширум светот ја подигаат свеста за значењето на основните принципи, мисијата и визијата на организацијата, додека истовремено оддаваат признание и благодарност на волонтерите, партнерите и поддржувачите за нивната несебична поддршка.

Оваа година, по повод 60-годишнината од усвојувањето на основните принципи на организацијата, Светскиот Ден го одбележуваме под мотото: „На страната на хуманоста/Në anën e humanizmit/On the side of Humanity“, со посебен акцент на принципот на “хуманост” кој претставува темел на севкупната хуманитарна работа и овозможува реализирање на останатите принципи.

Светскиот ден и Неделата на Црвениот крст на Република Северна Македонија ќе ги одбележиме преку дела на хуманост – мали или големи, кои можат да донесат значајни промени во животот на луѓето и во заедниците.

Ве повикуваме да се приклучите на иницијативата со учество во предизвикот под мотото „На страната на хуманоста/ё anën e humanizmit/On the side of Humanity“, преку кој ќе направите добро дело во име на организацијата. Предизвиците може да бидат најразлични од помош на сосед со одредена потреба, до волонтерска акција или донација – секој чин има вредност. Секој мал или голем гест на добрина може да биде инспирација за поголеми дела и да создаде верижна реакција на добрини. Доколку сакате, од активностите направете видеозаписи или кратки приказни и пренесете ја хуманоста и доброто дело. Споделете јавно преку социјалните мрежи и другите комуникациски канали и бидете инспирација за пошироката јавност.

Хуманоста не познава граници!

< врати се назад